Доделено државно признание за 70-години Народна техника на Македонија

На 16 декември 2016 година во Домот на АРМ во Скопје се одржa свечена академија по повод 70 години на Сојузот на здруженијата за техничка култура на Република Македонија – Народна техника. За долгогодишната активност на СЗТКМ во ширењето на техничката култура во нашата земја, откривањето на младите таленти и поттикнување во нивниот понатамошен развој, како и во промоцијата на иноваторството и пронаоѓаштвото кај младите и возраснте лица говорeше претседателот на оваа организација Зоран Тодоров. За постигнатите резултати на Народна техника на Македонија од претседателот на државата Ѓорѓе Иванов, беше доделено посебно државно признание „Повелба на Република Македонија“ .

По доделувањето на признанието претседателот Иванов, кој е покровител на оваа прослава, се обрати пред многубројните гости, активисти, членови на СЗТКМ – Народна техника на Македонија.

- Чест ми е да бидам покровител на оваа манифестација. Техничката култура е нераскинлив дел на вкупната култура на секој поединец и основа за неговиот професионален развој. Таа ја поттикнува креативноста и иновативноста и има огромно значење за достигнување повисоко образование, која ја доближува Република Македонија кон новите текови и достигнувања. Со особена чест ја доделувам оваа повелба која ќе биде поголем поттик за поголема ревност и поголеми достигнувања во натамоштата работа на СЗТКМ - Народна техника на Македонија - рече претседателот Иванов.

 

Учесниците на академијата имаа можност да ја проследат изложбата на наградени проекти на младите и други активисти на државните и меѓународните натпревари и манифестации на СЗТКМ – Народна техника, а беше претставена изложба на фотографии од членовите на фото клубовите.

Како траен белег за досегашното постоење и активност на Народна техника ќе биде издадена монографијата „70 години СЗТКМ – Народна техника на Македонија 1946-2016“. Во оваа книга на стотина страници со текст и фотографии ќе бидат претставени позначајните активности и остварувања на 14 регионални центри и 9-те струкови сојузи кои работат под Народна техника на Македонија.

 

Во рамките на прославата за одбележување на овој значаен јубилеј на една од најстарите организации, која е формирана во 1946 година, веднаш по формирањето на новата македонска држава, ќе бидат доделени и плакети, признанија и благодарници за најистакнатите членови и активисти и фирми и организации кои помогнале за афирмација и ширење на техничката култура во Македонија.