Народна техника - Битола
Народна техника - Битола е формирана во 1946 година со цел преку повеќе форми на организирање на граѓаните да помогне во управувањето и совладувањето на проблематиката на повеќе технички сознанија кои биле од значење за поствоената изградба, индустријализација, електрификација и домаќинствата.
Со формирањето на Стручната служба и изградбата на Домот за техничка култура во 1980 година, Народна техника - Битола станува алка во едукативниот процес на младите во смисла не неформално образование.
Денеска Народна техника - Битола е граѓанска асоцијација која целосно е во функција на проширување и збогатување на воспитно‡образовната дејност во согласност со наставни курикулуми за слободни технички активности за учениците од основните и средните училишта.
Основните цели и задачи на Народна техника - Битола е поттикнување,, проширување и омасовување на техничката култура преку разни форми на организирање со посебен акцент на отткривање, стимулирање и насочување на талентираните ученици.
Како институционална структура во неа делуваат повеќе клубови и секции се организираат обуки за ученици од IV до VIII одделение од следниве области:
1. Информатика
2. Кино-видео техника
3. Фото техника
4. Градежништво и архитектура
5. Бродомоделарство
6. Воздухопловно моделарство
7. Ракетно моделарство
8. Електроника
9. Екологија
10. Радио техника
11. Сообраќајно моделарство
Покрај едукативната дејност каде учениците се здобиваат со организирани и систематски знаења, умеења и вештини од овие области на техничките науки и моделарско-макетарски дисциплини, Народна техника - Битола спроведува Општински и Регионални натпревари, а многу често е и домаќин на Државни натпревари, смотри и манифестации кои во основа вршат препознавање, идентификација, поттикнување, афирмација и валоризација на надарени ученици.
Народна техника - Битола е организатор на:
- Смотра на млади техничари и природници
- Натпревар на земјоделски работници - трактористи
- Школа по информатика
- Интернационален фестивал на аматерскиопт документарен филм “ Камера 300”
- Детски семафор
- Сообраќајно - техничка култура на младите
- Клубска изложба на фотографии
- Општински натпревар “ Во светот на информатиката”
- Државни и маѓународни натпревари од областа на техничката култура
Со своето синергетско, координирано и комплементарно делување по пат на партнерства и продуктивни соработки пред се со формалниот образовен систем, во Народна техника - Битола годишно обуките ги следат над 300 ученици од Основните и Средните училишта. За одбележување е дека учесниците на курсевите, обуките и натпреварите денеска се еминентни стручни лица во својата работа и дејност кои несебично помагаат како инструктори, членови на комисии, ментори, предавачи.
Народна техника - Битола со своето досегашно неколку децениско постоење се докажа како главен носител на ширењето на техничката култура меѓу младите и претставува достоен репрезент на општина Битола во земјата и странство.